Средба со Македонски автори
Во петок,14 февруари од 12 часот во просториите на детскиот оддел во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ Скопје, се одржа средба со македонски автори кои својот богат творечки опус го посветиле на најмладите – децата. Македонските писатели Стојан Тарапуза, Горјан Петрески и Велко Неделковски беа гости заедно со учениците од ОУ „Коле Неделковски“. Учениците развија дискусија со авторите за тоа која им била инспирацијата да го напишат делото, начинот на создавање на главните ликови и нивниот карактер и побараа совет и насоки како тие да го реализираат својот талент за пишување, побараа совет од животното искуство на писателот или поуки извлечени од однесувањето на главните ликови во книгите. Учениците и писателите дефинираа 20 причини да избереш книга и читање, како насока во одбирањето на вистинскиот пат на една здрава млада личност. На настанот присуствуваше и министерката за култура г-ѓа Елизабета Канческа-Милевска и учествуваше во дефинирањето на причините за читање на македонска литература. 20-те Причини ќе бидат почеток на Кампања за популаризација на македонската детска литература, организирана од Градската библиотека во соработка со Министерството за култура.