Во чест на „Св.Климент Охридски“
ЈУ Градската библиотека „Браќа Миладиновци”- Скопје, библиотека „Другарче“ по 13-ти пат организираше литературен конкурс на тема:
- Мојата најомилена книга
- Библиотеката во моите очи
Натпреварот се одржа по повод одбележувањето на денот на „Св. Климент Охридски”, ученик на Св. Кирил и Методиј и основач на првиот сесловенски универзитет во Охрид- центарот на културните и творечки збиднувања на европското небо во IX век. Овогодишниот
литературен конкурс поради пандемијата на вирусот КОВИД 19 се реализираше ONLINE, а на него пристигнаа вкупно 187 поетско-прозни остварувања на учениците од 21 основно училиште во Скопје. Големиот број на пристигнати творби јасно ја изразува желбата за
детската литературна презентација, како и почитта и благодарноста кон ликот и делото на големиот просветител и духовник, Св. Климент Охридски. Големиот интерес за учество на конкурсот резултираше со доделување на повеќе први, втори и трети награди, кои за
младите литерати ќе претставува поттик за натамошна литературна надградба, а за Градската библиотека патоказ како да се промовира читањето меѓу младите, но и Библиотеката како воспитно-образовен и културен центар.
Овогодишни добитници на гран при награди се:
- Кармен Чемчева-ООУ „Димо Хаџи Димов“, VIII г одд. (поезија)
- Никола Петров-ООУ „Димитар Миладинов“,VII a одд. (проза)
„Во библиотечните рафтови на стихот“
…Те замолувам, воспостави мир
меѓу моите прашања
и многуте мисли.
Ти, која пред мене молчиш, слушаш
и трпеливо ме вовлекуваш
кон твојот свет на неисцрпност,
фрлија завесата од овие очи,
избркај ја темнината од патот,
кој судбината ми го одреди…
Кармен Чемчева ООУ „Димо Хаџи Димов“-VIII г одд.
„Библиотеката во моите очи“
...Но, само со едно нешто можеш да стигнеш за миг на ново место,
само за миг можеш да ја видиш светлината на Париз,
старите пирамиди во Египет,
па дури и до Александрија да стигнеш...
само едно нешто може да те направи патувач,
истражувач, освојувач, питач или крал...
И секоја улога можеш да си ја креираш,
секое место да го разубавиш и да му додадеш нешто твое..
Само така си неограничен, затоа што никој не може да ти ја земе мислата...
Никој не може да ти ја запре имагинацијата.
Најбрзото превозно средство, најдобриот учител, најголемиот научник,
истражувач , најголемиот раскажувач е книгата......
А каде се крие сето ова волшебство?
Се крие на полиците, на редовите , помеѓу куповите книги кои уредно под број се сместени во нашата библиотека.
И сето тоа наредено и подредено по ред и по број, по вид и по возраст.
Едно цело царство, еден свет нареден до другиот, еден живот што претходи на следниот.
Е тоа е богатството,тоа сек нигите,тоа е библиотеката....
Никола Петров, ООУ „Димитар Миладинов“-VII a одд.