Светскиот ден на раскажувањето

Светскиот ден на раскажувањето сказни е глобална прослава на уметноста на усното раскажување. По повод овој ден и Меѓународниот ден на театарот за деца и  млади, на 20 март (13 часот) во ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје ќе се одржи средба со најмладата популација, ученици од прво одделение од основното училиште „Коле Неделковски“.

Настанот ќе се одбележи со раскажување на приказни што произлегуваат од усната раскажувачка традиција во Македонија. Првачињата од основното училиште „Коле Неделковски“ ќе имаат можност да ги слушнат волшебните приказни од едицијата „Бајки од Македонија“ што претставува модернизиран и адаптиран приказ на приказни од македонското народно творештво собрани од Марко Цепенков и од Танас Вражиновски. Во изборот на бајките учествуваше и Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје.

Проектот „Бајки од Македонија“ е реализиран од -„Движењето за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ“ – „Браво сине“ во соработка со издавачката куќа „Арс Ламина“. На илустрација на четирите бајки од едицијата работеше младата дизајнерка Катерина Николовска. Еден од главните приоритети на -„Движењето за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ“ – „Браво сине“ е да создава нови модерни производи што се инспирирани од македонската традиција, а во креативната изработка се дава шанса на млади талентирани луѓе од Македонија, како што беше случајот и со овој проект.

Изборот на сказни за одбележување на овој настан има цел кај најмладите да ја поттикне навиката за читање и да ја разбуди нивната фантазија, како основа за правилен мисловен и креативен развој.

Наратори на сказните ќе бидат актерите Теоман Максут и Миа Кантарџиева, кои на уметнички начин со многу фолклорни елементи ќе ги доближат македонските народни сказни на најмладата популација.